Кратово - град на мостови, кули и подземни тунели



Дванаесет средновековни кули се лоцирани на левата страна од Кратово, а пет на десната. Само шест од нив се очувани, додека другите се прилично оштетени. Најголем дел од кулите настрадале за време на Карпошовото востание.

 Златкова кула е најстара и најбогата, изградена во 1365 година. Името го добила според нејзиниот последен сопственик, Ѓорги Златков, кој ја купил од Асан Ефендија, според чие име дотогаш се нарекувала. Изградена е од дебели камени ѕидови, висока е околу шест метри. Има три ката и во неа се влегува со помош на подвижни скали. На југоисточниот ѕид се наоѓа длабнатина која била бања со санитарен јазол.

Еминбегова кула е висока околу 13 метри и широка шест метри. Вратата е изведена од делкан камен. Десно од влезот, во вид на рог, е издадена пирамида како самостоен објект. Тоа било бања со тоалет. Кулата има три ката, преградени со дрвена конструкција. Дебелината на вратите е поголема од останатите кули и се отвораат вртејќи се околу дебели оски потпрени во камен жлеб. На третиот кат има камин, ниша, полици и долапи за покуќнина.

Смиќева кула е најзначајната, највисоката и најубавата кула во Кратово. Изградена е во 1370 година од тогашниот владетел на Кратово, великодостојникот Костадин Дејанов. Во внатрешниот дел е поделена на катови, од кој најубав е четвртиот, со прекрасен поглед на градот. Во горните делови се стигнувало преку тунелски камени скали сместени на јужниот ѕид, така што се добива впечаток дека посетителот се движи низ тунел. Во кулата има вкупно 69 скали, осветлени со три мали отвори, од кои едниот е набљудувачница на северниот ѕид заштитена со камен штит.