Костоперска Карпа - вулканска купа и енеолитска населба




На левата страна од патот, на девет километри од Куманово, над црквата Св. Петка во селото Младо Нагоричане, се издига еден рид од базалтна карпа, кој доминира над околината со својата височина и необичен изглед. Тоа е познатата Костоперска Карпа - Жеглиговски Камен, дел од низата на пет вулкански висови кои, начичкани еден до друг, ќе ги забележи секој што патува по овој патен правец. На археолошкиот локалитет Костоперска Карпа е откриено постоење на повеќеслојна населба со континуиран временски и културен живот. Во подножјето на Карпата постои црква посветена на Света Петка од 1682 година, а во околината има многу стари гробишта.

   

Најстарите траги и пронајдоци потекнуваат од енеолитот, а откриени се и предмети од железното време. Остатоците од керамика, изработена по углед на хеленистичката, потекнуваат од IV-III век п.н.е., а најголемиот материјал потекнува од доцната антика, односно од IV-VI век од новата ера. Откриено е постоење и на објект за кој се претпоставува дека претставувал базилика, потоа траги од бедем, како и седум средновековни гробови. Последните наоди се од времето на турското владеење.

Од посебна важност е откривањето на подземниот објект (V-VI век) во јужниот дел на ридот. Тој се состои од една главна просторија во која се забележани испусти што наликуваат на клупи, потоа два резервоара, ходници, вертикални отвори за проветрување. Во него е забележано присуство на остатоци од голем број керамички материјал.