Пилаво - активна населба на преминот од каменото во металното време




Пилаво е археолошки локалитет сместен на возвишение на левиот брег на Брегалница, во близина на селото Бурилчево, Кочанско. Станува збор за истражена населба од времето на енеолитот или преодниот период од каменото во металното време. Се издига на едно израмнето плато, неколку десеттини метри од вливот на реката Злетовица во Брегалница, на типична местоположба за населбите од тоа време, кога борбено настроените племиња своите населби ги лоцирале на возвишени и тешко достапни места, природно заштитени и погодни за одбрана, секогаш во близина на реки или извори.

Овој локалитет изобилува со керамика во најразновидни форми и начини на украсување, со врежување на брановидни линии. Посебно се издвојуваат графитно сликаните садови.
 

 При археолошките ископувања на локалитетот е откриена претстава на женска фигурина во теракота, без горната половина, со димензии од 7 х 11 cm. Сочуваната долна половина е украсена со ритмички шари: врежани концентрични кругови, точки, брановидни и аглести линии. Откриени се неколку вакви претстави кои наликуваат едни на други, што наведува на претпоставка дека тогашните жени по повод некој ритуал се украсувале на овој начин, што се пренело и на теракотните фигурини. Покрај тоа, на локалитетот се присутни и голем број коскени и камени алатки и накит. 
 


 

Еден од познатите пронајдоци од Пилаво е и еден биконусен сад со две вертикални рачки, со димензии од 8 x16 cm. Декориран е со насликани геометриски мотиви во графитна техника. Неговата форма и декорација се карактеристични за тој период - енеолитот.