Ѓаволски Ѕид - природен феномен или градителско чудо?




Малку познатиот македонски раритет Ѓаволски Ѕид се наоѓа на петнаесетина километри јужно од Свети Николе, на јужната страна на ниската планина Богословец и покрај самиот десен брег на реката Брегалница. Од магистралниот пат Велес - Штип е оддалечен околу седум километри, по пат кој од намерникот бара добро теренско возило и физичка кондиција - и најупорните ќе мораат да изодат пеш околу еден километар. Траги од Ѕидот можат да се забележат дури пет километри кон запад на левиот брег на Брегалница, кои асоцираат на единственост на Ѕидот. Восхитувачката глетка што се отвора пред намерникот е доволна награда за неговата упорност.
 


 

Отмената слабо потемнета бела боја, грандиозниот изглед и мистичното молчење на македонскиот „кинески ѕид“ го одземаат здивот. Должината од 500 метри, височината од 12 метри и ширината од 2 метри ја доловуваат неговата грандиозност, велелепност и мистериозност. Градбата е изведена со камени блокови со просечна зафатнина од четири кубни метри, а меѓу нанесените камења се наоѓа тенка црвеникава врзивна материја, вешто нанесена од градителот.
 


 

Дел од науката тврди дека станува за природна појава, односно дека ѕидот настанал со ерозија на околното земјиште. Според нив, природата овде, како ретко каде, создала ремек-дело. Некои научници тврдат дека станува збор за градба, а не за природен феномен. Тие се повикуваат на фактот што такви камења не постојат во околината, потоа на неверојатната вештина во градењето, како и на постоењето тенок врзивен материјал со црвена боја. Од друга страна, ѕидот се наоѓа на изразито тешко пристапен терен. До него тешко се стигнува пеш и донесувањето на огромните камења кои тежат и по четири тона барало и соодветна техника и умеење на градителите. Тоа е еден од елементите што овој ѕид го прават мистичен.
 


 

Според легендата, ѓаволот се обложил со Бог дека за една ноќ ќе изгради ѕид и ќе ја пренасочи Брегалница преку ридот кон Овче Поле и ќе го поплави. Истата ноќ ѓаволот почнал да го гради ѕидот и тоа го правел со таква брзина што немало сомнение дека ќе ја оствари својата цел. Бог, откако видел дека заканата станува реалност и сакајќи да го спречи во намерата, пред време разбудил еден петел кој пропеал, па ѓаволот не успеал до крај да ја остари својата идеја. Врз темелите на таа приказна се наметнало името Ѓаволски Ѕид, израз на немоќта на човекот да ја објасни велелепноста на градбата, да ја означи нејзината мистериозност и да ја одрази стравопочитта што ја предизвикува. Тие елементи кај месното население се присутни и денес.

Конечно, кај народот постои верување дека овој ѕид е дело на вонземјани, врз основа на приказните за педесетина неидентификувани летачки објекти, наводно забележани во последните пет децении над овој ѕид.