Струмин гроб - гробница со три легенди




Струмин гроб е средновековен гроб, кој се наоѓа на околу три километри од Струмица, во близина на селото Баница. Гробот има мавзолејски изглед и се состои од деветслоен делкан бигор. Висок е 230 сантиметри, широк 240 сантиметри и долг 400 сантиметри.

За настанувањето на гробот постојат три легенди. Според едната, во неа почива Струма, сестрата на Крале Марко. Висока, стројна, со крупни очи и руса коса, така струмичани ја опишуваат убавата Струма, по која се верува дека градот Струмица го добил името. Според втората легенда, гробницата припаѓала на принцот Персеј, роднина на Александар Македонски.
 


 

Според најраширената легенда, гробницата припаѓала на Струма, ќерка на некој заповедник на Словените од струмичката област. Оваа легенда вели дека градот бил опсаден од силна византиска војска, која никако не успевала да го освои градот. Тогаш се случило предавство на убавата Струма, која го предала својот татко заради љубовта кон еден од византиските војсководци. Занесена од убавината на војсководецот, Струма му ја открила тајната како војниците да се качат до неосвоивите Цареви кули. "Потковиците на коњите заковајте ги наопаку за да можат полесно да се качат до тврдината", му рекла Струма. Војниците ја послушале и со нивните коњи лесно се искачиле по стрмните падини. Византијците ја освоиле тврдината, а таткото ја проколнал ќерка си: кога ќе умре, земјата девет пати да ја исфрла од гробот. Деветте слоеви делкан бигор легендата ги поврзува со деветте исфрлувања и погребувања на Струма.
 


 

Сепак, изградбата на овој гроб можно е да му припаѓала на некој турски поглавар од средновековниот период. Тоа го поткрепуваат археолошките истражувања од 1983 година, кога овде се пронајдени остатоци на гробови од исламскиот период. Иако уште не е докажано, можно е гробот да е на некој верски водач или поглавар од исламската заедница.