Сто и петнаесет теракотни фигурини во еден гроб во Стоби



Сто и петнаесет теракотни фигурини од римско време со претстави на божества, животни, комедијанти, но и со сцени од секојдневниот живот, се откриени во едно гробно место во Стоби за време на најновите истражувања на локалитетот. Се работи за теракотни фигурини изработени во калап, по печењето премачкани со бела боја, врз која деталите се нанесувани со интензивна сина, црвена и жолта боја зачувана во траги.

Гробот со теракоти е едно од побогатите погребувања во западната некропола на Стоби, откриен во близина на Порта Хераклеја и датира од последната четвртина од првиот век пред новата ера. Во гробната јама покојникот е кремиран, а гробните дарови, меѓу кои и овие фигурини, се групирани на средината.

Меѓу фигурините археолозите издвоиле 11 различни типови фигури, од кои некои се застапени во повеќе варијанти. Најчести се претставите на Телесфор (божество на здравеењето), сам или со дете, Афродита која седи на птица и Ерос кој се јавува во неколку варијанти - јавнат на бик, со Психа и со лира. Во гробот се најдени и 19 фигури на коњаници, пет комедијанти, две стоечки крилести фигури на песови, а од животинските претстави најчести се фигурите на бикови (16) и на петли (2).

Керамичките садови се типични форми за доцниот прв век пред новата ера, со белези на локалната керамичка продукција. Единствено две чаши, кои припаѓаат на фината тенкоѕидна раноримска керамика, претставуваат луксузни примероци увезени од италските центри. Датирањето на гробот од овој период го потврдуваат и двата аса ковани за време на Август, едната кована околу 25 година пред новата ера веројатно во Ефеска ковачница, а другата во 16 година пред новата ера, кована во Рим.