Битолската Саат-кула и легендата за градење со јајца




Саат-кулата е најпрепознатливиот споменик со кој се идентификува Битола. Се наоѓа во строгиот центар, на северниот дел од Широк Сокак, околу кој има бројни културно-историски споменици, но и нови градби. Со својата висина, градскиот часовник доминира во просторот и емитува популарна музика кога ги отчукува часовите.

Иако не е пронајдена документација за нејзината градба, според некои непотврдени научни сознанија, се смета дека Саат-кулата е изградена во периодот на турското владеење, во 1830 година, заедно со црквата Св. Димитрија. Се раскажува дека за време на изградбата, во материјалот за врзување на камените блокови биле употребени 60.000 јајца, собрани од селските домаќинства од Битолско. Со тоа градителите сметале дека ѕидовите ќе бидат многу поцврсти. Изминатите векови ја оправдаа оваа нивна градителска мајсторија.

Саат-кулата е висока 33 метри, поставена е на квадратна основа, со страници од по 5,8 м. Од северната страна има полукружен влез, низ кој нагоре одат камени скали, спирално изведени. Саат-кулата е поделена на три ката, а на најгорниот се наоѓа механизмот на часовникот. Првобитниот часовник е заменет за време на Втората светска војна со понов и многу попрецизен. На сите четири страни се вградени специјални метални плочи на кои се монтирани сказалките и впишани се римски броеви од еден до дванаесет. Најгорниот дел претставува мала купола, кој нуди прекрасна панорама на конзулскиот град и на пошироката околина. Новиот часовник го купиле нацистите, во знак на благодарност на граѓаните за германските гробишта подигнати за жртвите од Првата Светска војна, заедно со англиските и француските гробишта.

  

Во поново време е извршена конзервација и реставрација, со што не е изменет првобитниот изглед на Саат-кулата, која продолжува да биде еден од најрепрезентативните споменици на културата од исламската уметност. Паркот околу Кулата е место каде граѓаните се собираат на Бадник и палат свеќи долж тревникот и тротоарот на паркот каде што е кулата.