Пајтонот на Робеви - најстариот пајтон од 150 години во Македонија



Еден од најстарите пајтони на Робеви во Битола е единствениот останат, стар преку 150 години, грижливо одржуван и чуван до денес. Пајтонот е полн со историја. Токму на него своевремено се возел и Кемал Ататурк, но и бројните битолски конзули, уредно дотерани, униформирани и наредени со секакви светликави еполети и срмени гајтани, налактени на црвеното кадифе од пајтонот и потпрени на декорираните бастуни, во достоинствен став, додека тркалата од пајтонот кружеле полека по битолската калдрма и на прошетките кон Тумбе-кафе.

   

До пред еден век во Битола возеле 40 пајтони, кои битолчани ги возеле за специјални пригоди. Во еден пајтон седеле зетот и невестата, а во друг чеизот од дифтици, батании, милина и рачно везени чаршафи за ручање. Парадирале низ Широк Сокак, за да видат другите колку дарови со себе носи невестата во новиот дом. Но, најмногу од сите ги употребувале мераклиите, кои откога ќе фрлеле по некоја чашка повеќе, ќе ги натовареле со музичари и право под некое пенџере на пеење серенади.

Некогаш по калдрма, а сега по асфалт, низ битолските улици топоти последниот од сите пајтони, пајтонот на Робеви.