Голем Град - единствениот остров во Македонија
 



Големиот Град, распослан како голема школка среде Преспанското Езеро, е единствен и пуст остров во Македонија. Само на две места, на северозападниот и на југоисточниот крај, постојат мали плажи и пукнатини во карпите, кај кои може да се пристигне со чамец и да се искачи горе на островот. Островот лежи скриен во езерото, со идеални можности да послужи како збег на луѓето од брегот во повеќе наврати во минатото.
 

  

Голем Град е едно од најатрактивните места, со остатоци од населби од неолитот, хеленистичкото и римското време, некропола од римскиот период и средновековието, како и со откриените шест цркви од некогаш постојните дванаесет. Се претпоставува дека во античкиот период тука живеело македонското племе Орести, за кое сведочат ископаните гробови на свештеници. На островот постоел континуиран живот од дваесетина века и манастирски живот кој се одвивал од X до XIV век. Меѓу пронајдените цркви, особено е интересна онаа која била подигната и живописана во XV век врз темели од римска цистерна за вода.
 

  

На југозападните пештерски карпи се наоѓа глаголски натпис со флоренски крст, како најстар пишан споменик во Преспа. Се претпоставува дека потекнува од времето на просветителската дејност на Св. Климент Охридски (IX век). На островот сега се наоѓаат црквите „Св. Петар“ и „Св. Димитрија“, како и ранохристијанската базилика од крајот на четвртиот и почетокот на петтиот век, од која се откриени остатоци од поден мозаик. На островот Голем Град има девет археолошки локалитети, главно, остатоци од цркви и станбени објекти, градени од IV до XIX век.
 

  

Голем Град е посебна атракција како резерват од ретки билки. Богат е со растителни и животински видови, од кои некои се ендемски, а стручњаците за флора и фауна, по барање на UNESCO, моментално вршат нивен попис. На површина од 20 хектари успеваат да опстанат различни и ретки видови растителен и животински свет. Тишината на мирното езеро и звукот на инсектите единствено ја нарушуваат јатата од стотици корморани. Островот е дом и за патките, ластовичките, пеликаните. Пеликанот, како една од најкрупните птици кои егзистираат на вода, главно во потоплите краишта, кај нас го има единствено на двете преспански езера (Големото и Малото), секоја година во периодот од 15 април до 15 октомври, во јата од над сто птици. Другиот годишен период го минува во јужните предели на Земјината топка. Но, островот има уште едно име. Некои го нарекуваат Змиски Остров, поради вриежот од влекачи, пред сè, змии, кои ги има два вида. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна, а во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок.
 

  

Голем Град е дел од Националниот парк Галичица. Од 14 јули 2008 година Голем Град е отворен за посетителите. Направени се камени патеки и поставени се патокази со информации за посетителите на македонски и на англиски јазик.

Постојат многу легенди за островот. Една од нив кажува дека царот Самуил имал ќерка Преспана, која живеела во крајбрежното село Царев Двор. Била надалеку позната по својата мудрост, убавина и храброст. Кога разбрал еден византиски дворјанин, според некои преданија цар Василиј, решил да ја побара нејзината рака. Кога дошол по неа, не сакајќи да стане сопруга на противникот на нејзиниот татко, Преспана се фрлила во езерото. Оттогаш до ден денешен тоа езеро се вика по неа - Преспа.

Една друга легенда вели дека Крали Марко, додека се шетал покрај Преспанското Езеро, посакал да го види и езерцето Мала Преспа. Се качил на еден камен и, така силен, на него оставил отпечаток од стапалото. Тоа парче карпа и денес стои таму, на граничниот премин со Грција, кој и го носи неговото име и привлекува голем број туристи. Велат, ако го ставите своето стапало, ќе забележите дека Марко сигурно носел обувки барем со број 90.