Охридско Езеро - едно од најстарите во светот




Охридското езеро е старо меѓу 3 и 10 милиони години, а на неговото дно се наоѓаат остатоци од вулканска маса од вулкани во Италија кои биле активни пред 50 000 години. Езерото во минатото било пониско за 50 метри од сегашното. Истражувањата на Преспанското Езеро покажале дека неговото ниво се одржува стабилно во последниве 50 000 години. Токму тука се наоѓа врската меѓу овие две езера.

Имено, Охридското Езеро водата, главно, ја добива од површински и подводни извори, кои во најголем дел главно се лоцирани во подножјето на планината Галичица. Дотекуваат низ подземни канали од Преспанското Езеро, кое е за 158 метри е повисоко од Охридското.


Во Охридското Езеро, поради географската изолираност и поволните хидрографски услови, зачувани се и во него живеат околу 146 видови ендемични организми. Еден дел од нив претставуваат живи фосили, речиси неизменети од времето на геолошкиот период терциер. Такви се ендемскиот сунѓер, реликтните видови полжави (над 27) од кои 86% се ендемични, неколкуте реликтни видови глисти, охридската пастрмка, белвицата и други видови риби со ендемски карактер, како и поголем број реликтни видови алги, меѓу кои најбројни се дијатомеите. Еден од ретките и загрозени видови во Охридското Езеро е Nuphar luteum.