Праисториско наколно живеалиште - музеј на вода




 
Заливот на коските e реконструирана праисториска наколна населба од XII-VII век п.н.е., поставена над платформа која ја држат дрвени колци. Тоа е новоотворениот музеј на вода, каде во водата се поставени пронајдените остатоци од древното живеалиште, нуркачка база и реконструирани тврдини од римското царство од II век.

На овој локалитет на длабочина од 3 до 5 метри пронајдени се остатоци од 6000 дрвени колци, кои најверојатно потпирале заедничка платформа на која имало 20-тина дрвени куќарки. Според истражувањата, површината на населбата се простирала на 8500 м2. Со оглед на тоа што биле изградени од дрва, трски и кал, живеалиштата биле подложни на пожари и биле често обновувани, на што се должи големата густина на колците (најдени се остатоци од изгорени дрва и јаглен). Платформата со копното била поврзана со подвижен мост, кој во текот на ноќта се подигал заради заштита од животни и непријатели.
 

  

 

 


Според анализата на пронајдените остатоци, оваа населба датира од 1200-700 година п.н.е., односно од доцното бронзено и почетоците на железното време. Во тој период тука живееле Бригите, најстарото племе познато на Балканот.

Моментално е реконструирана дел од населбата, која брои седум куќарки изградени на платформа која е поставена над 1200 колци кои се обработени за да бидат поотпорни и поиздржливи. Реконструирана e i внатрешноста на куќарките, што нуди интересно доживување за тогашниот начин на живеење. Во музејскиот објект се изложени и пронајдените керамички предмети, а поставен е и аквариум од колците под водата. Во нуркачката база љубителите на нуркањето имаат можност да нуркаат со водич и да ги испитуваат остатоците под вода.

Заливот и плажата, поранешен дел од автокампот Градиште, на која е реконструирано ова наколно живеалиште го доби името Залив на коските, бидејќи при истражувањата се најдени многу животински коски, карактеристично за овој период од кој датира живеалиштето.