Слатина - извор со солена вода



Во близина на селото Слатина се наоѓа извор со солена вода, поради големите наслаги на сол што ги има на ова место под земјата. Селото го добило своето име по солената вода што извира овде. Селаните раскажуваат дека водата од изворот за време на војните жените ја користеле за месење леб. Но, таа е толку многу солена што мора да се става еден дел солена и три дела слатка вода. На југ од селото, кај местото Воденици, постои голема карпа на која се издлабени шест кружни дупки, четири горе и две под нив, а веднаш под дупките има издлабено форма што личи на античка чаша за пиење вино. Според легендите, ова било знак за скриено богатство што се наоѓало на северозапад од карпата.

  

Слатинскиот Извор се наоѓа од левата долинска страна на Слатинска Река, на околу 150 метри од нејзиниот влив во реката Треска, во атарот на селото Слатина, Македонски Брод. Апсолутната надморска височина на изворот изнесува 495 м или околу 15-20 м од коритото на Слатинска Река. Пристапноста до карстниот извор е мошне поволна, бидејќи до него се наоѓа локален асфалтен пат кој води кон селото Слатина, а се одделува од регионалниот пат Македонски Брод - Самоков.