Манастир Св. Богородица Пречиста - чувар на дел од крстот на Исус




Во темелите на манастирот Св. Богородица Пречиста во Кичевско има дел од крстот на кој е распнат Исус Христос. Дел од крстот има и во темелите на манастирот „Св. Јован Бигорски“, како и во манастирот „Св. Георги Победоносец“ во с. Рајчица, Дебарско. Ова верување е мошне раширено меѓу православните верници во Македонија и претставува дополнување во заокружувањето на мистичноста на македонските манастири и, се разбира, повод повеќе за посета на овие духовни храмови.
 

Инаку, за настанување манастирот Св. Богородица Пречиста во Кичевско е врзана доста интересна легенда која во иста содржина се среќава за уште еден близок манастир. Легендата вели дека самиот бог го одредил местото за ѕидање на новиот манастирски комплекс. На местото на кое жителите од околните места одлучиле да градат манастир, оставале икона да преноќи. Но, утрото кога доаѓале за да започнат со работа, иконата ја снемувало и постојано ја наоѓале крај еден извор. Повторно ја враќале на старото место и повторно се случувало истото. Иконата во огнен пламен прелетувала и доаѓала на изворот. Како божји знак, одлучиле наместо на првичното место, манастирот да го изградат токму над изворот. И денес тој извор постои во манастирската црква, како и самата света сребрена икона посветена на Богородица, која се чува во еден мал олтар.
 

     


Овој манастир е посебен и по тоа што, всушност, претставува свет храм за сите верници, христијани и муслимани. Внатрешноста на црквата така е направена, за да можат под еден ист покрив да се собираат и христијаните и муслиманите, традиција која до денес опстојува.