Шарпланинец - заштитен знак на Шар Планина




Во минатото некои научници сметале, дека шарпланинецот потекнува од Азија, но сега најраспространето е мислењето дека го има единствено на Балканот, а поточно во планинските масиви на Македонија - Шар Планина, Кораб, Стогово, Бистра и Маврово.

Шарпланинецот спаѓа во овчарската раса на кучиња. Телото му е тешко помеѓу 50 и 100 kg. Височината му е околу 75 cm, а градниот обем 120 cm. Се карактеризира со добродушност, лојалност кон својот сопственик, дисциплинираност, брзина и адаптивност. Покажува голема приврзаност и трпение кон децата.
 

Според историските податоци, се смета дека предците на шарпланинецот потекнуваат од Тибет, на падините на Хималаите. Од оваа географска територија, кучињата тргнале во бескрајно патување следејќи ги своите господари. Шарпланинецот стигнал на Балканот со војската на Александар Македонски. Шарпланинецот се прилагодил кон суровите услови на македонските планини, во кои живее со векови. Името го добил по планината каде најмногу е одгледуван и омилен - Шар Планина.

Првпат изложен е во Љубљана во 1926 година. Во 1939 година шарпланинецот е запишан во меѓународната кинолошка федерација (FCI), која ги регистрира сите раси на кучиња. Македонскиот шарпланинец е првак на Европа за 2008 година во конкуренција од 10.000 кучиња.