Мавровско Езеро

alt

Сè до 1947 година на местото на денешното езеро се наоѓала Мавровската котлина низ која течела Мавровската Река. Тогаш на реката на излезот од котлината и бил затворен патот кон Радика со голема земјена брана. Така котлината започнала да се полни со вода, а на нејзиното место се создало Мавровското Езеро.

Новосоздаденото езеро поплавило 1370 хектари земјиште претежно под ливади и акумулира околу 357 милиони м3 вода. Мавровското Езеро е долго 10 км, а широко од 5 до 3 км. Најголемата длабочина од 50 м ја достигнува во близина на браната која е висока 54 м, долга 210 м и широка 5 м. Во основата, браната е широка 286 м и во неа се вградени 705 000 м3 материјал.

alt   alt

Во зимскиот период езерото замрзнува секоја година. Мавровското Езеро е порибено со пастрмка и со други риби, а околината му е богата со разновиден дивеч. Над езерото од сите страни се издигаат високи листопадни и иглолисни шуми, кои се огледуваат во бистрата езерска вода, што на езерото му дава посебна убавина и изглед.