Црквата Св. Андреја во Матка




Во регионот на Матка, почнувајќи од ранохристијанскиот период преку средновековието до денешни дни, сеуште опстојуваат повеќе црковни храмови и манастири.

Црквата Св. Андреја се наоѓа зад браната Матка, во кањонот на реката Треска, во чиј двор е сместен планинарскиот дом со ресторанот. По изградбата на браната во 30-те години од XX век, патот до неа е лесен и пристапен, но во времето кога била изградена (во XIV век), пристапот до црквата бил исклучително тежок.

Црквата е изградена во 1389 година. Нејзин ктитор е вториот син на кралот Волкашин и брат на Крале Марко, Андреја (кои во некои извори се сретнува и под името Андрејаш). Ова го дознаваме од натписот над надвратникот на западната влезна врата во наосот на црквата.

  

Кога принцот Андреја решил да изгради манастир во Матка, може само да претпоставиме дека брат му Марко му ги испраќа веројатно најдобрите мајстори и фрескоживописци на тоа време. Црквата била живописана од страна на зографите митрополитот Јован и монахот Григорие, кои работеле и во манастирот Свето Преображение во Зрзе. Овие фрески се новост во нашето средовековно сликарство и се печат на новиот стил, со појавата на исихазмот во монаштвото. Кон главната црква, во средината на XVI век била доѕидана припрата, која била живописана во 1559/60 година.

Денес, црквата Св. Андреја во Матка е една од ретките зачувани цркви во форма на слободен крст во Македонија.