Скопско Кале - тврдината на Јустинијан Први




На овој простор постоеле населби во доцниот неолит, но како упориште Калето е веројатно утврдено по катастрофалниот земјотрес од 518 година.

Најстарата архитектура на Калето потекнува од 535 година, од времето на владеењето на Јустинијан I. Тоа e време на нападите на варварите и словенските племиња кои го натерале владетелот да обрне поголемо внимание за одбрана на градовите. За градењето на тврдината биле користени камени блокови од урнатините на градот Скупи, локалитет што се наоѓал во близината на Калето и што бил разорен од катастрофалниот земјотрес во 518 година.

Монументалниот „киклопски“ ѕид (со трите кули - кружна, триаголна и квадратна) кој го оградувал највисокото плато на Калето датира од XI век. Тој бил изграден врз зачувани стари остатоци, а однадвор е обложен со големи камени блокови, донесени главно од Скупи. Тврдината била често опседнувана и напаѓана и од бугарските и српските средновековни владетели, за во 1392 година да ја освојат Османлиите. 

  

Патописците кои ја посетиле тврдината во XIX век забележале е дека тука имало магацини и барутана, воена болница и затвор. Со губење на одбранбената функција, тврдината обично се користела за воени потреби, а во поново време и за музејски потреби.

Катастрофалниот земјотрес од 1963 година предизвика големи оштетувања, што бараше посебни конзерваторско-реставраторски работи на ѕидините. Реставрирани се и некогашните кружни кули со топовски места. Денес Скопското кале, со новиот проект и уредениот парк, служи за прошетка на граѓаните.