НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „МАВРОВО“ е основан со закон на Народното собрание на Народна Република Македонија од 19 април 1949 година, со кој шумските предели околу Мавровско Поле се прогласени за национален парк. Според овој закон, Националниот парк „Маврово“ е формиран „поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели околу Мавровското поле“.

ГЛАВНИТЕ ЗАДАЧИ на управата на НП Маврово се насочени кон заштита на природниот изглед на пределот, животинскиот и растителниот свет во него, градежните и другите објекти, како и кон сите особености на пределот, за да послужат што подобро за исполнување на целите поради кои овој регион е прогласен за национален парк. 

ВО РАМКИТЕ НА ПРВОБИТНИТЕ ГРАНИЦИ, површината на паркот изнесуваше 11.750 хектари. Со измените на Законот за основање на националниот парк, на 03 јули 1952 година дојде до проширување на границите на паркот, со што неговата територија се зголеми за шест пати (на 73.088 хектари).Во новите граници се најдоа 36 населени места од четири локални предели познати како Мавровска Котлина, Горна Река, Мала Река и Долна Река.

 

 

ПОДРАЧЈЕТО НА НП МАВРОВО се наоѓа во шарпланинската група планини од шаркопадинскиот систем. Според денешните граници, ова подрачје ги зафаќа јужните разграноци на Шар Планина, дел од масивот Кораб и планината Бистра, кои граничат со сливот на реката Радика. Мавровското Езеро го опкружуваат разграноците на планините Бистра и Шар Планина. Релјефот е особено развиен и располага со 52 врвови високи над 2000 метри надморска височина, распоредени на сите околни планини. Највисок врв е Голем Кораб, чија висина изнесува 2764 метри надморска височина, кој воедно е и највисок врв во државата. Голем Кораб е вистинска туристичка атракција и со последните мерења се смета дека е за неколку метри повисок од врвот Триглав во Словенија, кој моментално важи за највисок врв на просторите на поранешна Југославија. Најниска точка е месноста Бошков мост на вливот на Мала Река во Радика со 600 метри надморска височина.



ПЛАНИНАТА БИСТРА
се карактеризира по тоа што на неа се истакнуваат бројни возвишенија издигнати над највисоката флувијална површина. Бистра има најголем број врвови повисоки од 2000 метри. Во јужниот северниот и источниот правец на Кораб се издигаат повеќе врвови над 2000 метри надморска височина, како . Меденица (2163 метри надморска височина), Корапска Врата и други. Сливното подрачје на горниот тек на Радика има изразита планинска релјефна структура, каде што се допираат ограноците на Кораб и Шар Планина.  



ЕДЕН ОД НАЈИНТЕРЕСНИТЕ ОБЛИЦИ
настанати со карстна ерозија се карстните полиња. На Бистра се наоѓаат 14 карстни полиња (Тонивода, Говедарник, Бардаш, Султаница, Соломуница, Суво поле, Мал и Голем Брезовец, Чукни Топаница, Долно и Горно Попљце,Tри бари, Три гроба и Лазарополе).




ОВА ЕЗЕРО ПРЕТСТАВУВА вистински бисер во националниот парк и општината. Иако е вештачко, сепак плени со својата убавина, посебно кога се гледа од скијачките терени на Бистра. Покрај риболовот, на езерото се нудат можности за кампување и прошетки. Околу самото езеро поминува добро одржан асфалтен пат, кој може да се искористи за обиколка на целиот мавровски дел од националниот парк, да се погледнат убавите скијачки терени, хотелите, вилите и да се посетат многуте туристички објекти.




ЕДНА ОД НАЈИМПРЕСИВНИТЕ ГЛЕТКИ
кои ги нуди езерото е потопената стара црква во Маврово, од која во одреден период од годината кога водата на езерото го постигнува највисокото ниво, може да се види само дел од покривот и половина од камбанаријата. Оваа црква била потопена при изградбата на езерото, односно со изградбата на хидросистемите „Маврово“ во 1857 година, во тогашното Мавровско Поле. Иако поголем дел во годината е под вода, во ретките прилики кога водата од езерото се повлекува, сеуште може да се види нејзината цврста градба. Црквата претставува своевиден заштитен знак на селото и поширокиот регион.







ЛЕДНИЧКОТО ЕЗЕРО ЛОКУВ е најниското глацијално езеро во Република Македонија и според своката местоположба претставува вистинска туристичка атракција. Сместено во прегратките на Дешат планина, на висина од 1568 метри надморска височина,езерото е гордост на локалното население, кое во негова близина има поставено неколку клупи за одмор, бачило и чешма со природна студена вода за пиење. До локалитетот се стигнува со пешачење во должина од осум километри низ планина со обележани планинарски патеки. Има услови за тргнување од две локации: од с. Битуше кај поранешната караула и од с. Требиште. Постои можност да се изнајмат и коњи (за лица во поодминати години, како и за помлади и жени), а патеката е средно тешка и речиси преку целиот нејзин тек е прекриена со убава шума и ладовини. Патеката изобилува и со видиковци, од кои убаво се гледа кањонот на реката Радика, манастирот Св. Јован Бигорски и други пејзажи. На самиот локалитет може да се ужива во прекрасниот изглед на ова малку познато и уште неоткриено (од страна на туристи) езеро, во кое опстануваат неколку интересни форми на живот, од кои најпознат е тритонот. Во близина на езерото е лоцирано и едно бачило во кое може да се проба тазе сирење (познато како требишко сирење, кое сеуште се подготвува во дрвени каци на стар требишки начин) и други млечни производи од ова поднебје.
 


ИНТЕРЕСНО Е ШТО
водата во езерото за време на летниот период е доста топла, а туристите кои го посетуваат имаат можност да уживаат во водите на една ретка планинска плажа. Околу езерото има идеални места за излет, кампување и одмор во планина. Во близина на езерото, на околу 30 до 40 минути пешачење, можат да се посетат и неколкуте планински очи (езерца со чиста бистра вода распослани на падините на планината). Исто така, на овие места можат да се соберат голем број чаеви и други растенија, кои можат да се употребат за подготвување природни лекови, а најпознато растение со совршен природен вкус, кое го има во големи количини, е боровинката (ја има во повисоките делови од планината). Доколку тргнете од патеката од с. Битуше, може да ја посетите и првата партизанска печатница во центарот на селото.







РАДИКА ИЗВИРА
на 2200 метри надморска височина. Од изворот до утоката во Дебарско Езеро е долга 67 км. На овој пат таа прима четири притоки: Рибница, Мавровска Река, Жировничка Река и Мала Река. Радика има чиста, бистра и студена вода со темнозелена боја, што е последица од калциум карбонатот во неа. Со канали, дел од водите на Радика се носат во Мавровското Езеро и го полнат со вода, а оттука со подземни тунели во Вардар. Тука е изградена ХЦ Врбен.



ДОЛИНАТА НА РАДИКА е една од најатрактивните и најживописните кањонски долини. Кањонот е стар неколку милиони години, пробивајќи се меѓу планинските страни на Бистра и Стогово на исток и Кораб и Дешат на запад. Радика е единствена река во Македонија која дава вода на два слива - јадранскиот и егејскиот. Куриозитет на долината на Радика претставува народната оригинална архитектура на селските куќи во Битуше, Јанче, Гари, Лазарополе. Околината на Радика изобилува со богат растителен и животински свет. Од дивечот има срни, диви свињи, дивокози, мечки, рисови, волци и лисици.





ДУФСКИТЕ ВОДОПАДИ
се наоѓаат во близина на с. Ростуше, до кои од самиот центар на селото се стигнува за 30-тина минути. Патеката до водопадите е обележана, уредена, обезбедена со дрвена ограда и во неколку наврати е значително стрмна, но во поголемиот дел е лесно проодна. До самите водопади се поминува низ Дуфскиот кањон, кој е висок и до 100 метри и кој претставува вистинска атракција. Местото е специфично и по пријатната клима, а температурата во најжешките летни периоди изнесува од 18 до 20 степени. Низ кањонот тече Ростушка Река, која е најголема во пролетниот период.




ГЛАВНА АТРАКЦИЈА
и вистински празник за очите е водопадот Дуф, според кој самото место го добило името, а се наоѓа на самиот крај на кањонот. Неговата висина изнесува околу 25 метри, а во негова близина се поставени неколку клупи за одмор, каде што посетителите можат да минат неколку убави моменти во природа, како и „училница“ за настава во природа. Интересно е што сега на самиот водопад е поставена и опрема за спуштање со јаже. Покрај самата патека можат да се забележат и остатоци од првата хидроцентрала во регионот за снабдување со електрична енергија. Во поранешниот период, голем дел од земјиштето и водата во овој дел се користеле за обработка и наводнување.







МОСТОТ Е ИЗГРАДЕН
за време на турското владеење на овие простори. За него се поврзани повеќе легенди и преданија, од кои најинтересна е онаа која ни раскажува за еден турски бег кој сакал да го улови еленот, кој кај тогашниот народ бил познат по својата итрост и сила и постојано им бегал на оние кои го ловеле. При една потера еленот бил ранет и притиснат во безизлезна ситуација, т.е. на местото каде што сега е изграден мостот. На брегот на Гарска Река тој го направил невозможното и успеал да ја прескокне реката покрај тоа што бил изморен и исцрпен од длабоката рана, а потоа починал. Восхитен од храброста на еленот и неговата упорност да се бори за својата слобода до крај, бегот наредил во негова чест да се изгради мостот, кој во иднина ќе биде симбол на храброста, честа, силата и борбата да се истрае до последен здив. Интересно за овој убав споменик на културата е тоа што тој е изграден на местото каде што поминувал римскиот пат Виа Игнација. 


 





ШАРКОВА ДУПКА се наоѓа во Општина Маврово-Ростуше, во националниот парк Маврово, блиску до зимскиот туристички центар, поточно во селото Маврово. Пештерскиот бисер е лоциран во непосредна близина на последните куќи од селото во близина на скијачкиот центар. До влезот има десеттина минути пешачење по изградена патека и скалила. Пештерата Шаркова дупка, која е втората македонска пештера отворена за туристите, е заштитена со железна врата и со решетки, украсена со полукружни метални скали и целосно осветлена со рефлектори.




ПОСТОЈАТ ПОВЕЌЕ ПРИКАЗНИ
за откривањето на пештерата, од кои најпозната е приказната за селанецот со прекар Шарко, кој живеел во непосредна близина на пештерата и прв собрал храброст да влезе во неа. Исекол неколку дрва, ги спуштил во дупката и, со јажиња и со помош од соседите, успеал да влезе во внатрешноста на пештерата. Оттаму, пештерската убавица си го добила името Шаркова дупка.




ПРЕД ВЛЕЗНАТА ВРАТА
е поставена табла со мапа, која ги објаснува пештерските украси и богатиот животински свет со кој изобилува Шаркова дупка. Посетителите се спуштаат во внатрешноста на пештерата со железни полукружни скали, кои водат во првата јама или сала, на околу 20 метри под земјата. Таму температурата е од четири до осум Целзиусови степени. Подземната убавица ја красат сталактити, сталагмити прекриени со корали, сливови, драперии и друг пештерски накит, кој дава слика на негибната убавина. Со оглед на тоа што почвата е богата со железо, повеќето од украсите имаат карактеристична црвеникаво-кафеава боја. Во Шаркова дупка има разновиден животински свет: лилјаци, пајаци, гуштери, разни видови инсекти. Шаркова дупка за некоја година може да стане вистинска туристичка атракција и да придонесе за развој на туризмот во Маврово.






ОВОЈ МАНАСТИР Е ЕДЕН ОД НАЈУБАВИТЕ
во Македонија и пошироко. Локацијата каде што е изграден е преполна со лековити извори и вода - во зима топла, а во лето студена и, на некој начин, се смета за благословена. Основач на манастирот бил монахот Јован од Дебар во 1020 година, кој во тоа време бил охридски архиепископ. Манастирот му го посветил на свети Јован Крстител, а поради каменот со кој е изграден и поради бигорливиот предел на кој е лоцирано ова здание, манастирот го добил името Св. Јован Бигорски и по ова име е препознатлив насекаде низ светот.




ПРИЧИНА ЗА ИЗГРАДБАТА на овој манастир токму на ова место била иконата на свети Јован Крстител, која била пронајдена како лебди над изворите. Оваа икона е чудотворна и, покрај прекрасниот и неповторлив иконостас изработен од резбано дрво, претставува едно од најголемите богатства на манастирот. Иконостасот претставува своевидно ремек-дело, во кое се врежани делови од библијата, а е изработен во периодот меѓу 1829 и 1835 година од страна на мајсторите Марко и Петар Филипоски од с. Гари.


 





ГАЛИЧКАТА СВАДБА
се одржува секоја година на Петровден, втората недела од јули. За разлика од порано, кога на Петровден во Галичник се склопувале и по над 40 бракови, денес свадбата има повеќе културно значење и е еден вид културна манифестација. 




ГАЛИЧНИК Е ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА
заради својата архитектура и природни убавини. Постојат многу неискористени можности за популаризација на туризмот во селото. Хотелот „Неда“, изграден во 1980 година, нуди можности за добар одмор.


 

ЛИКОВНАТА КОЛОНИЈА
во Галичник се организира секоја година во август. Првата колонија од овој вид била организирана во 1990 година. Колонијата традиционално се одржува во хотелот „Неда“, а е финансиски поддржувана од Министерството за култура. На 17-те одржани колонии твореле уметници од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Романија, Велика Британија, Јапонија, Италија, Унгарија, Германија итн. Уметничките дела, слики и скулптури, се прикажуваат на секои две години на соодветни изложби.





ПАРКОТ ПРЕТСТАВУВА
 репродуктивен центар за европски елен (Cervus elaphus), а во него можат да се сретнат примероци од елен лопатар (Dama-Dama). Паркот зафаќа територија од 430 хектари, која е обиколена со заштитна ограда висока 250 см. Во него, со придружба на ренџерите, може да се движите по лесно проодна патека, а целосната обиколка може да трае до 90 мин.