Национален парк Маврово

alt

Националниот парк Маврово зазема простор од 73.088 хектари. Во границите на паркот се опфатени планините Кораб, Дешат, југозападните ограноци на Шар Планина, поголем дел од Бистра и северните делови на Крчин. Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката Радика. Терените на Бистра над езерото се атрактивна зимска дестинација за скијачите.

Во границите на паркот се среќаваат голем број интересни морфолошки форми: речни долини, клисури, водопади, карстни полиња, ували, вртачи, пештери, циркови, глацијални езера, разни видови денудациони облици. Од вегетацијата на паркот најголема застапеност има заедницата од горска букова шума. Како резултат на големата издиференцираност на релјефот, националниот парк Маврово се одликува со извонредно флористичко богатство, коешто се состои од над 1000 видови виши растенија, од кои 38 се дрвни видови, 35 грмушки, а околу шеесетина се ендемични, реликтни или ретки видови.

alt   alt

Националниот парк Маврово претставува класично наоѓалиште за седум растителни видови и претставува единствено наоѓалиште во Македонија за 12 ретки растителни видови, а се сретнуваат уште 33 видови растенија, многу ретки во останатите делови на Македонија. Фауната на националниот парк Маврово исто така се одликува со значителна разноликост. Таа се состои од 140 видови птици, од кои позначајни се: сивиот сокол, орелот крстач, суриот (златен) орел, шумскиот буф, големиот буф, ливадската еја, степската еја, како и 11 видови водоземци, 12 видови на влечуги и 38 видови цицачи, од кои најважни се мечката, рисот, дивокозата и дивата мачка.
   
 www.npmavrovo.org.mk/